Пронајдени над 260 тела на местото на фестивалот во Израел на кој упадна Хамас

Најмалку 260 тела се пронајдени на местото каде се одржувал музички фестивал во Израел по нападот на Хамас, објави спасувачката организација Зака. Вооружени лица на Хамас ги застрелале посетителите кои панично бегаат на фестивал во рурална земјоделска област во близина на границата Газа-Израел.

Фестивалот е само едно од местата погодени претходниот ден од најмоќниот и најкоординиран напад што некогаш бил извршен од Хамас на израелска територија. Фестивалот на отворено требаше да биде целоноќна забава, а се одржа на истиот ден со еврејскиот празник Сукот.

Утрото околу 06:30 се слушнаа сирени и ракети“, вели Тал Гибли, еден од посетителите, за тамошните медиуми. 

Триесет минути подоцна, тој и стотици други присутни на фестивалот трчале додека милитантите од Појасот Газа пукале кон нив. 

Немавме ни каде да се сокриеме бидејќи бевме на отворено. Сите во паника почнаа да си ги земаат работите“, се сеќава тој во изјава за израелските медиуми.