Пронајдени уште три безживотни тела од несреќата со мигранти во Грција

 Крајбрежната служба на Грција во текот на вчерашниот ден пронашла уште три безживотни тела по несреќата со мигранти минатата седмица во близина на Пелопонез, со што бројот на загинати се зголеми на 81 лице, а потрагата по исчезнати продолжува и денеска, јави дописничката на МИА од Атина. 

Во рибарскиот брод што потона во близина на Пилос кај Пелопонез, официјално не е познато колку лица се пренесувале, а според преживеаните бројката би можела да е околу 700 лица, додека пак спасени беа 104 мигранти.

Портпаролот на крајбрежната служба Никос Алексиу за грчката телевизија ЕРТ објасни дека тие не можеле да интервенираат поради одбивањето помош од луѓето на рибарскиот брод.

-Јасно е дека можевме да го заобиколиме протоколот, доколку имаше согласност од луѓето. Ако направевме било каква насилна интервенција, резултатот немаше да биде добар, рече Алексиу.

Дел од грчките медиуми, пренесуваат сведоштва на преживеаните кои велат дека крајбрежната служба на Грција со јаже го повлекла рибарскиот брод, по што се навалил, а потоа и потонал.

За несреќата се уапсени деветтемина Египќани, кои се товарат за формирање криминална организација за трговија со мигранти, за  предизвикување бродолом од небрежност и загрозување на животи и вчера требаше да бидат изведени пред истражен судија, но побараа и добија дополнително време за подготовка, па така, денеска ќе дадат исказ.