Косовската полиција соопшти дека пронашла оружје, експлозивни направи и друга опрема за време на рациите кои беа извршени денеска на неколку локации во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, изјави за медиумите дека рациите, кои се во врска со случајот Бањска, односно со вооружениот напад врз косовската полиција на 24 септември, биле извршени на седум различни локации на север.
– Рациите се извршени на три локации во Северна Митровица, три во Звечане и една во Бањска. Во подрум, во местото познато како „Три облакодери“ во Северна Митровица, пронајдено е оружје, експлозивни направи и друга опрема, информира Елшани.
На 24 септември во нападот на униформирана и вооружена српска група беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Во подоцнежната акција на полицијата, во борбите околу православниот манастир Бањска кај Звечане, загинаа тројца од напаѓачите, додека останатите успеаја да побегнат.
Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, Милан Радоичиќ, чиј имот во Косово полицијата го заплени. Не е потврдено дали локациите на кои беше извршена денешната рација се поврзани со името на Радоичиќ.