На окупираниот Западен Брег денеска се одржуваат протести, а нив се слушаат и барања за генерален штрајк, по вчерашното убиство на шестмина Палестинци во Џенин.
Во вчерашната рација на израелските сили во бегалскиот камп беа ранети уште 16 Палестинци.
Оваа жестока акција палестинскиот претседател Махмуд Абас ја нарече „чин на војна во полн обем“.
Специјалните сили на израелската армија трагаа по сторителот на нападот врз двајца израелски доселеници во Хувара, што се случи пред десет дена.
Специјалниот координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот Исток, Тор Венесланд, во меѓувреме ги осуди нападите на еврејските доселеници во населбата Хувара и побара Израел да преземе одговорност.
-Длабоко сум вознемирен од продолжувањето на насилството и згрозен од уривачките напади на израелските доселеници врз Палестинците пред два дена во Хувара, во близина на Наблус. Израел, како окупаторска сила, мора да се погрижи цивилното население да биде заштитено и сторителите да одговараат, рече Венесланд.
На неговата изјава и претходеа сведоштва за напад на еврејски доселеници врз возило во кое имало семејство со мали деца.
Напаѓачите ги скршиле стаклата и пукале, јавуваат израелските медиуми.
-Го осудувам насилството на доселениците врз Палестинците. Ги осудувам палестинските напади врз Израелците. Сите цивили мора да бидат заштитени од насилство. Се наоѓаме во средина на циклус на насилство што мора итно да престане, изјави координаторот на ОН.
Околу Хувара, во која живеат околу 7.000 Палестинци, има еврејски населби и населбата долго време е центар на судири и насилство меѓу Израелците и Палестинците.