ПСЖ ќе донесе нов играч во нивниот тим кој ќе го натера ‘проблематичниот’ Мбапе да не сака да си замине од Париз! Цена – 100 милиони евра
Катарските сопственици на ПСЖ во изминатите десет години потрошија 1,3 милијарди евра само за нови играчи. Затоа, на предлог на Килијан Мбапе, ПСЖ во јули минатата година го ангажираше Португалецот Луис Кампос за спортски директор (наместо Бразилецот Леандро). Мбапе и Кампос се познаваат од Монако каде работеа заедно со години. Препораката за Кампос да дојде на „Паркот на принцовите“ беше добра одлука бидејќи тој освои две шампионски титули на Франција изминатите сезони.
Првата година на Кампос во ПСЖ не е воопшто лесна. Клубот уште еднаш (пре)рано се збогуваше со амбициите во Лигата на шампионите, а се уште нема обезбедено титула во домашната Лига 1. Неизвесна е и ситуацијата во соблекувалната. Во јуни истекуваат договорите на Лионел Меси и Серхио Рамос. Одлуката за продолжување на соработката очигледно се уште не е донесена.
Шпански спортски весник As ја објави информацијата дека ПСЖ го решава трансферот на напаѓачот на италијанскиот Наполи, Виктор Осимхен. Овој 24-годишен Нигериец моментално е хит играч и најдобар стрелец во италијанската Серија А (21 гол). Заедно со Грузиецот Кварацхели, Осимхен во медиумите се издвојува како најзаслужен за походот на Наполи кон Скудетото, но и како потенцијална ѕвезда на претстојниот преоден рок. На Трансфер-марктот цената за Осимхен е сто милиони евра. ПСЖ е еден од клубовите кои можат да си дозволат ваква „играчка“.
Изборот на Кампос на Осимхен за иднината на ПСЖ не е случаен. Токму Португалецот, како спортски директор на Лил, потпиша со Нигериецот (во сезоната 2018/19) за 22,4 милиони евра. Една година подоцна го продаде на Наполи за 75 милиони! Сепак, доаѓањето на квалитетна „деветка“ е и едно од „барањата“ на Мбапе, кој уште во последниот преоден рок инсистираше на квалитетен центарфор, кој би му овозможил „повеќе слобода“.
Осимхен и Наполи имаат договор до јуни 2025 година, но весникот наведува дека италијанскиот клуб би бил подготвен да го ослободи Нигериецот за сто милиони евра веќе ова лето!