Путин за време на разговорите во Сочи го презентираше документарниот филм за Ердоган

 – Претседателот на Русија, Владимир Путин, за време на разговорите во Сочи, го претстави документарниот филм за животот и политичката кариера на својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган, соопшти Кремљ.

„Документарниот филм, што го режираше Михаил Гусман, првиот заменик-генерален директор на руската државна новинска агенција ТАСС, е за животот и политичката кариера на Ердоган“, изјави за ТАСС портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Гусман го претстави филмот за Ердоган снимен како дел од серијата „Формула на моќта“ во јуни.

25-минутниот филм вклучува фрагменти од четири разговори меѓу Ердоган и Гусман.

Филмот се фокусира на детството на Ердоган, како и на неговите училишни и универзитетски години.

Во филмот, Ердоган зборува дека почнал да се занимава со политика „на околу 17-годишна возраст“ и дека работел во млади, и регионални организации и во партиски тела. Подоцна станал градоначалник на Истанбул.

Според Ердоган, моќта е „напорна работа и голема одговорност“, а политиката е секогаш поврзана со голем ризик.

Посебно внимание во филмот е посветено на личниот живот на Ердоган, приказната за тоа како ја запознал сопругата, односот кон религијата и љубовта кон фудбалот.

Гусман во филмот наведува дека животниот пат на Ердоган не бил нималку лесен, но успеал да се погрижи Турција да стане посилна и постабилна со текот на годините, а нејзиното мислење да се разгледува насекаде низ светот.