Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во Казан му го врачи Орденот Александар Невски на Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска.
Партијата на независни социјалдемократи (СНСД), чиј претседател е Додик, објави дека е „награден за неговиот голем придонес во развојот на соработката меѓу Република Српска и Русија“.
„Среќни сме што имаме пријатели како претседателот Путин, кои искрено ја поддржуваат Република Српска и нашата мирна борба за зачувување на интересите на нејзините граѓани. Србија и Русија имаат одлична соработка на сите полиња и ние ќе направиме се за таа да биде уште подобра и позначајна во иднина“, соопшти СНСД.
Додик за време на средбата со Путин рекол дека РС отфрла секаква можност за приклучување на западните санкции против Русија, како и дека нема да влезе во НАТО.
Путин, пак, рече дека знае дека ситуацијата во Српска не е едноставна, но му се заблагодари на Додик што одржува редовни контакти со Русија.
„Република Српска е наш пријател, ви благодариме што ја поддржувате Русија. Ние сме ви благодарни што ги одржувате односите со Русија. Ќе работиме уште повеќе на нашите добри односи и секогаш сте добредојдени во Руската Федерација“, изјави Путин на средбата со Додик.
Тој му се заблагодари на Додик за присуството на отворањето на „Игрите на иднината“ во Казан, додавајќи дека тие се настан од хуманитарен карактер.
„Ви благодариме што ја прифативте нашата покана и што дојдовте како почесен гостин на отворањето на толку интересно и, се надевам, во иднина многу популарно натпреварување како што се „Игри на иднината“. Драго ни е што ги гледаме нашите пријатели овде“, рече Путин.
Тој, исто така, му се заблагодари на Додик за поддршката на многу руски иницијативи, вклучително и настан одржан во спомен на жртвите на нацизмот.