Путин на Парадата на победата во Москва: Нема да дозволиме никој да ни се заканува, нашите стратешки сили се секогаш на готовност (фото)
Русија ќе направи сè за да спречи светски конфликт, но нема да дозволиме никој да ни се заканува. Нашите стратешки сили се секогаш на готовност, изјави претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој на сите граѓани на Русија им го честита Денот на победата.
Во својот говор на Црвениот плоштад, Путин потсети дека судбината на човештвото е решена во величествените битки што се случија во близина на Москва, Курск, Севастопол и други градови.
Нашите татковци и дедовци ја штитеа татковината и го уништија нацизмот, ги ослободија народите во Европа, рече Путин.
„Во првите години од Големата патриотска војна, СССР сам се бореше против нацизмот, бидејќи цела Европа работеше во корист на Хитлер“, истакна тој.
Како што додаде, Русија никогаш не ги намалила заслугите на своите сојузници во Втората светска војна и секогаш ќе биде лојална на духот на сојузот.
Денес, пак, се обидуваат да ја искриват вистината за Втората светска војна, бидејќи вистината им пречи на оние кои сакаат да градат колонијална политика на лаги, посочи Путин.
„Реваншизам и исмејување на историјата, оправдување на нацизмот – сето тоа е дел од заедничката политика на западните елити со цел да се поттикнат нови конфликти“, рече тој и додаде дека Русија ги отфрла претензиите на која било држава или сојуз за исклучителност.
„Знаеме до што води неумереноста на таквите амбиции“, рече рускиот претседател и предупреди дека Западот се обидува да започне нови конфликти во светот, меѓунационални непријателства и да ги попречи суверените центри на развој.
Путин рече дека земјата минува низ тежок период и дека судбината на татковината зависи од секој поединец, како и дека треба да бидеме рамноправни со генерацијата победници од Втората светска војна.
„Сите учесници на СВО се наши херои, се поклонуваме пред вашата решителност. Цела Русија е со вас“, рече рускиот претседател.
Заедно ќе обезбедиме слободна и безбедна иднина на Русија, Денот на победата ги обединува сите генерации, рече Путин и говорот го заврши со зборовите: „За победа! За Русија! Ура“.