,,Путин сака да излезе од војната” – Карлсон тврди дека по интервјуто имал неформален разговор со рускиот претседател

Американскиот новинар Такер Карлсон, кој неодамна го интервјуираше рускиот претседател Владимир Путин, тврди дека рускиот лидер е подготвен за „сериозен компромис“ во однос на Украина.

На самитот на светската влада во Дубаи, како што пренесува украинскиот портал Страна на својот канал Телеграм, Карлсон рекол дека по интервјуто имал неформален разговор со претседателот на Руската Федерација, но не ја открил содржината на тој разговор.

– Путин сака да излезе од оваа војна. Тие нема да станат поотворени за преговори колку подолго се одолговлекува војната. Индустрискиот потенцијал на Руската Федерација се покажа многу посериозен отколку што мислевме. Земјата што ја нарекувавме „бензинска пумпа со нуклеарно оружје“ произведува проектили и гранати, за разлика од НАТО – вели новинарот.

Самитот беше пренесен на социјалната мрежа Х.

– Се разбира – одговори Карлсон на самитот на светската влада во Дубаи на прашањето дали Путин би бил подготвен за компромис.

Според ТАСС, новинарот истакна дека лидерите на сите земји на планетата се принудени на компромиси поради природата на нивната работа.

– Тоа е она што се нарекува дипломатија, а меѓу нив е и Путин – нагласи Карлсон.

За време на едно неодамнешно интервју, Путин му кажа на Карлсон дека сака да стави крај на конфликтот во Украина преку преговори. Тој исто така рече дека Украина одлучила да ги одбие преговорите со Русија според инструкциите на Вашингтон и дека сега САД мора да ја исправат таа грешка.