– Русија би можела да го суспендира своето учество во Црноморската иницијатива за жито и ќе се врати кога ќе почне да се спроведува дел од Договорот што е од нејзин интерес, рече вчера претседателот на Русија, Владимир Путин.
„Има време за размислување за тоа што треба понатаму да се прави“, нагласи Путин за рускиот телевизиски канал „Русија 24“.
Претседателот на Русија истакна дека досега ништо не е спроведено од Договорот што е од интерес на Русија, нарекувајќи ја ситуацијата „еднонасочна игра“.
Путин додаде и дека Обединетите нации (ОН) искрено настојуваат да ги придобијат западните земји да почнат да ги исполнуваат условите од Договорот за жито.
Што се однесува за членството на Украина во НАТО, Путин рече дека тоа претставува закана за безбедноста на Русија.
„Конкретно кажано, една од причините за специјалната воена операција е заканата со влезот на Украина во НАТО. Уверен сум дека (со членството во НАТО) нема да се зголеми безбедноста на Украина. Всушност, тоа ќе го направи светот многу поранлив и ќе доведе до дополнителни тензии во меѓународната арена“, порача Путин.
„Затоа, не гледам ништо добро во тоа“, додаде претседателот на Русија.
Путин рече и дека испораката на оружје со долг дострел на Украина „само ќе ја влоши ситуацијата“.