Путин ќе патува за Турција: Претседателот на Русија ја прифати поканата на Ердоган – Важна тема е во прашање

Рускиот претседател Владимир Путин за време на телефонскиот разговор со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган се согласил да ја посети Турција.

Ова го соопштија од кабинетот на Ердоган.

– Претседателот Ердоган во средата имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Во текот на разговорите, лидерите постигнаа договор за посетата на Путин на Турција – се вели во соопштението добиено од РИА Новости.

Можните датуми за посетата не се објавени.

Ердоган го увери Путин дека Анкара ќе продолжи со напорите за рестартирање на договорот за жито.

– Никому нема да му користи ако Црноморската иницијатива не функционира долго време – рече Ердоган, кој договорот го опиша како „мост на мирот“.

Кремљ, пак, истакна дека Путин ја претставил принципиелната позиција на Русија за раскинување на договорот за жито. Путин истакна и дека поради целосен недостиг на напредок во спроведувањето на делот од договорот кој се однесува на Русија, уште едно продолжување на договорот го загуби своето значење.

– Подготвени сме да се вратиме на Истанбулските договори штом Западот ги исполни сите обврски кон Русија напишани во нив – се наведува во соопштението.

Помошникот на Путин за меѓународни прашања, Јуриј Ушаков, потврди дека Москва и Анкара ја планираат посетата на рускиот претседател на Турција, но страните не се договориле за конкретни датуми.