Радев: Антиевропското однесување на некои политичари во Македонија ги оддалечува од ЕУ

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, вели дека антиевропското однесување на некои политичари во Македонија ги оддалечува од членство во ЕУ, пренесува Телеграф Македонија.

„Антиевропското однесување на некои политичари во Македонија и нивните врски со нашата земја на никаков начин не им оди во прилог и ги оддалечуваат од нивното членство во Европската Унија“, рече претседателот на Бугарија, Румен Радев, коментирајќи ја изјавата на Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски за македонското малцинство во Бугарија.

Тој вели дека е јасно оти некои политичари во Македонија се обидуваат на посериозен начин да ја препознаат реалноста.

„Тоа не им носи ништо добро. Напротив, до сега имаше доволно случаи и настани за да ги убеди дека нивното антиевропско однесување и однос кон нашата земја на ниту еден начин не им носи придобивки и ги оддалечува од нивното членство во Европската Унија“, изјави вчера Радев.

Кабинетот на Пендаровски пред четири дена соопшти дека постоењето на македонското малцинство во Бугарија е факт. Ова доаѓа како реакција на најавите во бугарските медиуми дека МНР го повикало македонскиот амбасадор во Софија поради, како што велат, „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и нивните лажни изјави за Бугарија“.