Рама: Одлуката на Арбитражниот суд за случајот „Бечети“ скандалозна, жестоко ќе реагираме 

 Албанскиот премиер Еди Рама ја оцени како скандалозна одлуката на Арбитражниот суд со која Албанија на италијанскиот бизнисмен Франческо Бечети треба да му исплати отштета во износ од 110 милиони евра, најавувајќи „жестока реакција и можно напуштање на надлежностите на судот“.  

Во изјава по седницата на Владата, на новинарско прашање за случајот „Бечети“, шефот на албанската влада одговори дека од следната недела ќе ја анализираат можноста за целосно напуштање на надлежноста на судот, додавајќи дека Бечети, за кого нагласи дека е осуден измамник на 17 години затвор за измама на албанската држава, до сега не добил ниту еден лек од албанската држава, како што, според него, „некој пред секои избори пласира лажни вести“ и дека борбата со него ќе продолжи. 

– Она што е важно денес јавноста да го слушне е дека истите тие луѓе пред две години ѝ кажаа на јавноста дека Албанија ги платила тие пари. Истите овие луѓе делеле летоци во автомобили на булеварот и под вратите дека сме изгубиле 100 милиони евра. Овие 100 милиони не се исплатени и вие сега го поставувате прашањето дали се блокирани или не, односно ги нема никаде во џебот на таа измама и ова е моментот да им се извинат на Албанците што ги излажале, рече тој.  

Арбитражниот суд на 29 март донесе конечна одлука со која Албанија дефинитивно го загуби случајот против италијанскиот претприемач Франческо Бечети, во врска со обештетувањето што тој го побара за затворањето на телевизијата „Агон чанел“ во 2015 година. 

Според одлуката, Албанија треба да му исплати отштета во износ од 110 милиони евра, како и обврската од 145 илјади евра за повторното отворање на случајот.