Петровска: Денеска сме кредибилна членка на НАТО со рамноправен придонес во Сојузот кој веќе брои 31 земја

 Во овие три години колку што сме дел од најмоќниот воено политички сојуз  покажавме дека Северна Македонија е подготвена да го даде својот придонес во колективната безбедност, во гаранцијата за стабилноста на секоја членка на НАТО и во гаранцијата за безбедноста на секој граѓанин на Сојузот, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на отворањето на првиот Одбранбен форум 2023.

Денеска, додаде, сме кредибилна членка на НАТО со рамноправен придонес во Сојузот кој веќе брои 31 земја.

– Ние сме составен дел  од Алијансата и од нас како и од сите останати земји-членки зависи колку НАТО ќе одговори на својата задача – да биде заштитник на заедничките цивилизациски вредности – слободата, правдата и демократијата. Покажавме дека недвосмислено стоиме зад овие вредности со јасно изразениот став на осуда на напад на суверенитетот и интегритетот на Украина и нејзиното право на слобода, со брзата, но темелно осмислена реакција на нивните барања за помош за одбрана од овој напад, со нашето внимание тоа во никој случај да не влијае на борбената готовност на Армијата, туку напротив да ја засили уште повеќе посветеноста на инкорпорирање на најсовремената опрема во редовите на Армијата, бидејќи силна, способна и опремена Армија значи силна гаранција за безбедноста на нашата земја и посветеноста на НАТО Алијансата, рече Петровска.

Посочи дека довербата и интегритетот на Армијата кај граѓаните е јавно добро што грижливо се чува, а  модернизацијата, развојот на човечките и материјалните капацитети, одржливоста, доброто управување и прецизната регулација, како и растечката цел за заштита на безбедноста и стабилноста се суштински елементи за неопходно зајакнување на довербата.

-Силната корелација помеѓу безбедносните ризици и закани  и состојби во регионот и на европскиот континент треба што подобро да се искористи. Затоа Министерството за одбрана останува посветено во спроведувањето на сите мерки и активности кои се во негова надлежност, предвидени и со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, но и стратешкиот концепт на НАТО  и концептот  МКД НАТО 2030, нагласи Петровска.

Истакна дека развојот на Армијата ќе одигра голема улога во зголемувањето на можностите на целокупниот безбедносен систем на земјата, овозможувајќи пристап од 360 степени преку превенција до надминување на безбедносните предизвици.

-Ако сакаме македонската одбрана да биде пример за функционалност мора да имаме и мултисекторски пристап. Само ако сме заедно, ако сме здружени и со исти цели можеме да бидеме посилни во гарантирањето на безбедноста за секој граѓанин. Развиваме систем за управување со дезинформации кој меѓу другото се темели и на соработката со цивилниот сектор. Дезинформациите и сајбер нападите целат директно во суштината на општеството, во демократските процеси, довербата на граѓаните во институциите и демократските избрани влади и функционалноста на системот. Како што се менува светот, НАТО ќе продолжи да се менува, а со тоа и ликот на македонската Армија и Министерството за одбрана со цел да бидеме во чекор со времето зајакнувајќи ја превенцијата и раното предупредување на целокупниот безбедносен систем, порача Петровска.

Американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека сите граѓани на Северна Македонија треба да бидат горди на придонесот што го дава земјата во подобрувањето на регионалната и глобалната стабилност.

– Приближно 200-те припадници на Армијата распоредени во мисиите на НАТО, ЕУ и ОН во Балканот, Источна Европа, Африка и Левантот се сведоштво за вашата посветеност на нашите споделени вредности, рече Агелер и додаде дека САД се горди што нивниот персонал е распореден заедно со нашиот во многу операции надвор од земјава.

Таа истакна дека разновидните форми на придонес на земјава во Украина се пример за сојузниците во НАТО и додаде дека дејствата и активностите го истакнале основното начело дека обидот да се променат границите со сила е неприфатлив и дека мора да биде оспорен.

– Инвестирањето во модернизирањето на одбраната ја подобри вашата способност за одговор на заканите и ќе ви помогне да ги постигнете целите на способности на НАТО. Вашето учество во различни вежби и на билатерална основа и во рамките на НАТО го унапредија и подобрија елементот на човечката интероператибилност што всушност е клучно за нашата Алијанса, потенцира Агелер.

Посочи дека од Втората светска војна, светот не се соочил со ваква закана каква што е, како што рече, не провоцираната и нелегална војна на Русија против Украина.

– Здружениот одговор од страна земјите на НАТО беше извонреден. Колективната одбрана и одвраќањето се во срцето на смислата на постоењето на НАТО, рече Агелер.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој се обрати преку видео конференциска врска, оцени дека Северна Македонија ја зголемува безбедноста на Алијансата, но и помага да се шири безбедноста на Западен Балкан.

-Ние сме семејство на демократии посветени да се бранат едни со други. Откако добивте прием во НАТО, значително ги зголемивте трошоците за одбраната. Имате јасен план да инвестирате два отсто од БДП во одбраната до 2024 година. Се покажавте како постојан сојузник. За време на руската инвазија на Украина, обезбедивте воена и хуманитарна помош за Украина. Неодамна се соочивте со намерни и континуирани хибридни напади. Тоа е и опасност за сите нас. Ова е ситуација со која ниту еден сојузник не може да се соочи сам. Но, вие не сте сами. Сојузниците на НАТО стојат заедно во солидарност. Сите за еден и еден за сите, рече Столтенберг.