Рамзан Кадиров застана до Владимир Путин: “Подготвени сме да помогнеме да се потисне бунтот, доколку е потребно, и со сурови методи!“

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави во саботата дека неговите сили се подготвени да помогнат во задушувањето на бунтот на водачот на платениците на групата Вагнер, Евгениј Пригожин и дека ќе употребат сурови методи доколку е потребно.

Во изјавата Рамзан Кадиров однесувањето на Евгениј Пригожин го нарече „нож во грб“ и ги повика руските војници да не попуштаат на никакви „провокации“.

Претседателот на РусијаВладимир Путин претходно изјави дека ќе го уништи, како што кажа, „вооружен бунт“ откако Евгениј Пригожин ја презеде контролата врз јужниот град Ростов на Дон, како дел од обидот да го собори военото раководство.

Евгениј Пригожин побара министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов – кого ги критикуваше за, како што вели, катастрофалното раководство на војната против Украина – да дојдат во Ростов на Дон. Тој вели дека има 25.000 борци кои „ќе ја донесат правдата“ и наводи, без да обезбеди докази, дека руската војска убила голем број борци од неговата приватна група Вагнер во воздушен напад, што Министерството за одбрана на Русија го негираше.

Руски безбедносен извор за медиумската агенција Reuters изјавил дека борците на Вагнер ја презеле контролата и врз воените објекти во градот Воронеж, на околу 500 километри јужно од Москва.

Руската ФСБ отвори кривична постапка против Евгениј Пригожин за вооружен бунт и соопшти дека неговите изјави се „повици за почеток на вооружен граѓански конфликт на руска територија“.