Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд потроши сериозна сума на нов автомобил, а она што е интересно за англиските медиуми е дека тој е се уште е под забрана за управување со моторни возила.
Рашфорд, како и огромното мнозинство фудбалски ѕвезди, лудуваат по скапи автомобили, а последниве денови ја освежи својата гаража со нов модел на Bentley Flying Spur Azure, за кој потроши 240.000 евра.
Она што е интересно за медиумите на островот е тоа што Рашфорд нема да има право да го вози својот нов болид до јануари следната година бидејќи се уште е под забрана.
Летово англискиот репрезентативец беше казнет со одземање на возачката дозвола, а плати и приближно 2.000 евра казни за возење со 160 километри на час низ населено место.
Така Рашфорд ќе чека да го користи својот нов миленик, а неговите најблиски ќе имаат можност да го возат на тренинзи и натпревари во него.
Фудбалерот на Манчестер Јунајтед претходно имал десетина автомобили во својата гаража, меѓу кои две ламборџини, Мекларен 765 Лонг Тајл, Ролс Ројс Кулинан Блу Сенка и многу други.
По тешкиот период во кариерата, напаѓачот на Манчестер Јунајтед конечно заигра на стартот од новата сезона, а на последните три натпревари постигна три гола.