Раџшри Дешпанде е позната индиска актерка и активистка која се бори за правата на жените во Индија

Раџшри Дешпанде стана позната во светот со улогата на Лакшми во „Лутите индиски божици“ на Пан Налин. Потоа следеше насловната улога на Дурга во „Секси Дурга“, со која освои награда на филмскиот фестивал во Ротердам. Таа има повеќе серии и филмови на Нетфликс, од кои најактуелна во моментов е „Trial By Fire“ која беше број 1 на Нетфликс во Индија.

Раџшри сега е во Њујорк, откако во текот на овој месец престојуваше во земјава како гостинка на Меѓународниот Славјански универзитет и ланецот на кина Киноверзум од Свети Николе кај својата пријателка Михаела Ѓорчева и нејзиното семејство. Тие водеа разговори за заеднички македонско – индиска соработка на филмови и други проекти. Воедно, Дешпанде заедно со познатиот македонски актер Мето Јовановски, минатата недела имаше и средба и разговор со студентите на Меѓународниот Славјански универитет во Свети Николе, а на која се запознаа подетално за нивните кариери и патот кон успехот.

Мила, симпатична и срдечна, зрачи позитивна енергија и пријателство,облечена во рачно везено индиско сари во интервјуто за МИА, потенцира дека нејзината борба е индиската жена да не биде понижена и обесправена.

Раџшри Дешпанде ни појаснува дека не прифаќа ликови во филмови во кои жената е понижена, угнетена и обесправена. Потенцира дека пред публиката во Индија и во светот кога гледа индиски филмови и долги серии, многу погрешна е претставена вистинската слика за индиските жени. Тие таму секогаш се совршено дотерани, со најубава облека со најубава шминка и средена коса и без некое кило отповеќе. Таа прави напори жената да се престави со сите свои убавини, но и несовршености таква како што е во секојдневниот живот. Раџшри се бори за повеќе права на индиската жена, по што посебно се истакнува и е препознатлива. Нејзините серии во кои игра се многу поразлични од оние кои досега сме ги гледале, а траат најмногу до 10 епизоди и имаат многу поуки и пораки. Можат да се видат на интернет платформата на Нетфликс.

Кои пораки им ги пренесовте на македонските студенти?

– Со студентите на средбата споделив за мојата кариера, моето патување, мојот пат да станам уметник. Воедно притоа со нив ги споделив и моите потешкотии и искуства. Им порачувам на сите кои сакаат да станат уметници, да знаат да се дисциплинираат. Пред се’ што и да прават не само како уметник, туку и како човечко суштество треба да имаат дисциплина, да го следат своето срце, да најдат нешто што ќе ги влече марширајќи напред.Токму за таква цел јас денеска им зборував и ги насочив младите. 

Кој е патот до успехот?

– Нема рецепт за патот кон успешноста, треба само упорно да работиш и напорно да се бориш. Да продолжиш да учиш и да бидеш среќен. При тоа среќата е најважна од се’.

Каква е борбата за правата на жените во Индија и дали имаш успеси на тој план?

– Јас имам одбиено улоги кои не ми се допаѓале затоа што во нив жената се понижува. Исто така имам одбиено и реклами за спонзорирање на некој продукт кој треба да се претстави дека е eco-friendly, но не е. Јас сум против и не сакам да го рекламирам производот што не е тоа. Знаете ние преку погрешна реклама им даваме погрешна порака на потрошувачите во нашето општество. 

Многу е важно како преку актерските улоги се опишува ликот на индиската жена. Кината во Индија преку индиските филмови на публиката и ги претставуваат жените дека секогаш се одморени, изгледаат убаво и имаат совршена фризура. Јас сум против таквото претставување на жените. Во филмот жените треба да се прикажат со сите свои убавини и комплекси: жени кои имаат и подебели образи, кои имаат брчки, кои секогаш немаат слаб стомак. Секоја жена има свои недостатоци, тие се среќни и кога имаат акни, а што за мене е во ред. Треба да се скрши нормата која ја прикажуваат нашите кина. Тие секогаш ја изразуваат женствената убавина, а јас сметам дека во индиските филмови, жените треба да ги прикажат такви како што се’ во секојдневниот живот. Ние жените кога излегуваме надвор во јавноста, не секогаш се дотеруваме. При тоа се случува поради многу обврски и работа некогаш косата да не ни е средена, знаете може мојот стомак да ми се гледа од фустанот, а мојата шминка да не е перфектна. Но тоа е во ред, тоа е вистинската жена со сите свои убавини, но и мани и недостатоци, кои треба да бидат претставени и на филмот. Треба да се претстави убавината,таква каква што е со сите недостатоци.

Има ли шанса да настапиш во некој македонски филм?

– Ми се допаѓа се што видов во вашите македонски градови. Јас бев гостинка кај мојата пријателка Михаела Ѓорчева, основач на ланецот кина Киноверзум и кај нејзиното семејството – сопругот Иван, татко и Јордан, мајка и Снежана и брат и Стефан. Тие ми пружија, многу пријателска љубов и внимание. Воедно многу ми е мило како тие преку универзитетот во Свети Николе поддржуваат многу таленти во овој град. Што е многу важно, тие овозможуваат услови за развој на високо образование. Креираат култура во ова мало место и сакаат многу работи да се случат и повеќе луѓе да поддржат во Свети Николе, за повеќе да процветаат со нови можности. Тоа е мал град, а има универзитет, а тука е и нивниот Меѓународен Славјански универзитет и во Битола и тоа е голем успех. Има и Киноверзум на факултетот во Свети Николе, кој веќе се шири и во други градови, Велес, Штип… Ми се допаѓа тука и се што посетив во неколку градови како Велес, Штип, Битола, Скопје и други. Многу сум среќна што сум тука иако во многу краток временски период. Можеби следниот пат ќе прошетам повеќе.

Би ми било многу мило да глумам во некој македонски филм или македонско-индиска копродукција и да се снима тука. За тоа веќе разговараме со Михаела и се договаравме и со други луѓе поврзани со филмот. Воедно се запознав и со вашиот познат глумец Мето Јовановски, со кој заедно одржавме и предавање на студентите, појасни Дешпанде.

Дали си гледала македонски филм ?

– Не немам гледано, но имам намера да гледам. Јас веќе имам гледано филм од вашето соседство, српски филм и многу ми се допадна.