Реакции на меѓународните лидери на земјотресот во Турција и Сирија, меѓу кои Бајден, Трудо, Путин, папата Франциск, Гутереш и други
– Смртниот биланс од катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија се искачи на над 2.300 луѓе.
Најмалку 1.498 луѓе загинаа во 10 провинции во Турција, а 7.600 се повредени, според агенцијата за управување со катастрофи на земјата.
Бројот на загинати во областите под контрола на владата во Сирија се искачи на повеќе од 430 лица, а 1.280 се повредени, според податоците на Министерството за здравство. Што се однесува на северозападниот дел на земјата, каде Владата нема овластувања, групите што дејствуваат таму велат дека бројот на загинати е најмалку 380, а стотици се повредени.
Изрази на сочувство и ветувања за испраќање помош во погодените области пристигнуваат од сите страни.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е длабоко потресен поради загубата на човечки животи и уништувањето во Турција и Сирија како последица на силниот земјотрес во југоисточна Турција. „Побарав од моите тимови да продолжат внимателно да ја следат ситуацијата во координација со Турција и да ја пружат сета потребна помош, каква и да е тоа“, рече Бајден.
Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации, на Твитер го изрази своето сочувство до погодените од земјотресите, велејќи дека ОН се подготвени да ги поддржат напорите за одговор при итни случаи. „Длабоко сум натажен од веста за разорните земјотреси во Турција и Сирија и изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите. ОН се подготвени да ги поддржат напорите за одговор при итни случаи“, потенцира тој во твитот.
Канадскиот премиер Џастин Трудо се придружи на меѓународните лидери кои им изразија сочувство и помош на Турција и Сирија. „Извештаите и фотографиите од Турција и Сирија се поразителни. Нашите мисли се со сите погодени од овие големи земјотреси, а нашите срца се со оние кои ги загубија најблиските. Канада е подготвена да пружи помош“, напиша тој на Твитер.
Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со сирискиот претседател Башар ал Асад и изрази сочувство за жртвите во Сирија од силниот земјотрес во Турција. Путин вети дека ќе испрати спасувачки тимови и ќе обезбеди помош за Сирија, соопшти сириското претседателство.
Подоцна денеска Путин ќе има телефонски разговор и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, при што ќе разговара за обезбедување помош за државата погодена од земјотресот, пренесе ТАСС.
Велика Британија соопшти дека испраќа 76 британски специјалисти за пребарување и спасување, четири кучиња трагачи и опрема за спасување, кои ќе пристигнат во текот на денот. Британија, исто така, испраќа итен медицински тим за да ја процени ситуацијата на терен. Министрите додадоа дека се во контакт со ОН за итна хуманитарна поддршка за погодените во Сирија.
Соседот на Турција, Грција и другите земји во регионот понудија да испратат итна помош за да помогнат во напорите за спасување. „Грција ги мобилизира своите ресурси и веднаш ќе помогне“, напиша грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Твитер.
Египетското Министерство за надворешни работи утрово понуди помош и за Турција и за Сирија. И жителите во Каиро ги почувствуваа потресите.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција е подготвена да обезбеди итна помош: „Нашите мисли се со ужалените семејства“, напиша Макрон на Твитер.
Во Германија, Федералната агенција за техничко помош (THW) се подготвува итно да испорача генератори, шатори и ќебиња. Може да се обезбедат засолништа и системи за третман на вода, информира германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер