Регистерските таблички„МК“ ќе важат до 12 февруари, нови налепници може да се купат во станиците за технички преглед

Сопствениците на возилата од 12 февруари годинава мора да го променат знакот „МК“ на нивните регистарски таблички во новиот знак „НМК“. Налепниците со новиот знак „НМК“ ќе чинат најмногу 50 денари и ќе можат да се купат на станиците за технички преглед.

Од МВР појаснуваат дека согласно Договорот за набавка на регистарски таблички, со избраниот економски оператор е склучен договор за нарачка, за што изминуваат законските рокови за испорака на налепниците.

„Согласно решението за изменување и дополнување на одлуката за цените на обрасците издадена од Министерството за внатрешни работи, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 2, од 03.01.2024 година, цените на налепниците ќе варираат од 30 до 50 денари“, велат од МВР.

Според досегашните најави од МВР, тие ќе бидат доставени до станиците за техничка контрола, каде граѓаните ќе можат да ги купат.

Обврската за користење на шифрата „НМК“ на регистарските таблички е од Договорот од Преспа со Грција, кој беше потпишан во 2018 година.