Два авиони од типот „Air Tractor“ и вкупно девет лица членови на екипаж од Република Кипар попладнево ќе пристигнат во Скопје, во рамките на помошта за Северна Македонија од ЕУ механизмот за цивилна заштита, а од утре ќе учествуваат во гаснењето на пожарите во Свети Николе и Чашка, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар соопштија дека „по наредба на директорот на конкретниот сектор Савва Иезекил и по консултација со надлежната министерка Мариа Панајоту, преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија се испраќа помош за Република Северна Македонија за справување со шумските пожари во областите Чашка и Свети Николе“, а соодветно бил информиран и министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос.
Двата авиона, со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка, во 10:15 часот утрово полетале од аеродромот во Пафос кон меѓународниот аеродром во Скопје, планирана е попатна станица на аеродромот на грчкиот остров Родос за полнење гориво и според процените се очекува кај нас да слетаат околу 17 часот.
По пристигнувањето ќе биде информирани со детали за акцијата, а се очекува утро наутро да учествуваат во гаснењето на пожарите.
Планирано е кипарските авиони, во Република Северна Македонија да останат пет дена.
Конкретните авиони од типот „Air Tractor“, како што соопштија од Секторот за шуми во надлежното кипарско Министерство, се опремени со соодветна опрема за гаснење и употреба на пена, опремени се и со соодветна телекомуникациска опрема, како за комуникација со Единицата за воздушни средства во Ларнака, така и за пренос на информации и фотографски материјал.
Од средината на јуни 2024 година двата авиони се дел од механизмот rescEU и оваа е нивната прва мисија.