Ретки лилјаци пронајдени на неочекувано место: „Прв пат по 40 години видовме вакво нешто“

Овогодинешното пребројување на лилјаците доведе до необично откритие во Западна Фландрија.

Волонтерите кои го истражуваа ѕидот на Атлантикот во Остенде открија воден лилјак албино.

Организацијата за заштита „Натуурпунт“ соопшти дека животното е целосно покриено со бело крзно и нема пигмент во ушите, муцката или крилјата.

Овие лилјаци се целосно бели, а очите им се црвени.

„Ова значи дека сме сигурни дека тоа се албино водени лилјаци “, рече Барт Опстел, еден од волонтерите.

Албинизмот е генетско или вродено нарушување во кое телото не може да произведе меланин – пигментот што ја бои кожата, крзното и очите. И луѓето и животните можат да се родат со овој дефект.

Бидејќи водените лилјаци се претежно ноќни, оваа абнормалност речиси и не ги погодува, објаснува Барт Опстел.

„Нормално, меланинот ги штити животните и луѓето од ултравиолетовите зраци на сонцето, но ноќните животни не се изложени на тој ризик“, истакна тој.

И нивното бело крзно не ги попречува да ловат бидејќи пленот, како што се молци, муви и комарци, не можат да разликуваат бело и црно крзно.

„Бровме лилјаци речиси 40 години и ова е прв пат да видиме албино поединец. Тоа е навистина извонредно“, додаде тој.

Областа Риверсајд во Остенде не е типично живеалиште на лилјаци.

„Тие сакаат да живеат во близина на шуми, а брегот не е особено богат со шумски области. Таму е Атлантскиот ѕид , остаток од одбранбениот систем од Втората светска војна. Лилјаците сакаат да хибернираат во подземни премини и бункери“, се додава. Патем, Атлантскиот ѕид е еден од најдобро зачуваните остатоци од германската одбранбена линија од Втората светска војна и вклучува повеќе од 60 бункери , отворени ровови и подземни галерии, набљудувачки места, како и артилериски позиции.

Ѕидот се протегаше од северна Норвешка до југозападна Франција, долж повеќе од 5.000 километри од брегот на Атлантикот. Оваа мрежа на бункери и ровови имаше за цел да спречи сојузничка инвазија од морето.