Рецепт за намаз од костен кој исчезнува од теглата со молскавична брзина: Подобар од чоколадо

Зад името “crème de marrons” се крие традиционален француски намаз од костен, кој едноставно мора да го пробате доколку сте љубители на ова вкусно есенско овошје. Со него можете да наполните палачинки, класично да го намачкате на кришка леб, да го користите како фил за колачи или едноставно да потопите лажица во тегла и да го јадете сам.

Состојки:

1 кг нелупени костени

250 ml вода

250 гр шеќер

1 лажичка екстракт од ванила

прстофат сол

Подготовка:

Прво испечете ги костените по овој рецепт, а потоа излупете ги.

Префрлете ги во сад, покријте ги со 2-3 прста вода, оставете ги да се варат и варете околу 15 минути на тивок оган со повремено мешање. Во друг сад измешајте шеќер и вода и варете на тивок оган додека шеќерот целосно не се раствори.

Исцедете ги костените, ставете ги во блендер, додадете четвртина од шеќерниот сируп и изблендирајте. Можете да користите и миксер за стапчиња. Добиеното пире префрлете го во сад со остатокот од шеќерниот сируп, додадете сол и екстракт од ванила и варете неколку минути мешајќи додека смесата не се згусне. Се трга од оган, се олади, се чува во тегла и се чува во фрижидер.