Решение за проблемот со депонијата „Буково“ се уште не е на повидок

 Депонијата „Буково“ во која се одлага комуналниот отпад од охридскиот регион најверојатно уште неколку години ќе ја загадува околината, и тоа еден од најживописните предели покрај магистралниот пат што ги поврзува Охрид и Ресен.

Судејќи според динамиката со која се реализира проектот за изградба на регионална депонија, градот Охрид и околните села во близина на депонијата се уште ќе имаат проблем со чадот што го испушта запалениот отпад. Пожарите во депонијата се повторуваат секоја сезона, ѓубрето гори, а надлежните служби тешко се справуваат со пламенот, иако се спрведуваат активности за гасење.

Акција за гасење и вчера спроведоа екипи на јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“, со нафрлање земја врз опожарениот отпад. Претходно минатата седмица во гаснењето на отпадот беа вклучени и други јавни претпријатија од градот, како и специјален дрон за гасење од воздух со течна алга.

Решение за проблемот е регионална депонија, чија изградба се најавува години наназад, а истовремено е една од главните препораки во извештајот на УНЕСКО. Првично таа беше планирано да биде изградена во атарот на дебрчкото село Годивје, што како опција беше отфрлено поради категоричното спротивставување на локалното население. Со последните планови, таа би требало да се гради кај битолското село Новаци, но и таму постапката за изградба е запрена, поради барањата на локалната власт пред да биде изградена депонијата да се изгради обиколница околу населеното место до самата депонија.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, рече дека решението за проблемот со „Буково“ е регионалната депонија, но оти постпката е закочена од барањето на Општина Новаци, односно барањето обезбедување средства за изградба на обиколница околу општината по која би се движеле возилата за транспорт на отпадот до регионалната постројка.

– Со ребалансот на буџетот обезбедени се средства за проект за обиколницата, тој би требало да биде изготвен до крајот на годинава и се надевам дека сето тоа ќе биде завршено. Ние како општини од Југозападниот регион на почеток на 2024 година треба да ги отпочнеме процедурата за формирање регионално јавно комунално претпријатие, рече Пецаков.

Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, согласен дека депонирањето отпад е голем проблем за сите општини, што час поскоро треба да биде решен.

– Со оглед на тоа што се оди на меѓурегионално решение односно изградба на регионална депонија за два региони, сметам дека Министерството за животна средина и просторно планирање треба да ги забрза процесите, а ние општините сеако треба оние одлуки што трбеа да се донесат на ниво на региони и во советите на самите општини треба да ги завршиме навреме, рече Ногачески.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска, рече дека барањето на Општина Новаци за изградба на обиколница при изградбата на регионалата депонија бара дополнителни средства.

– Транспортот на отпадот не треба да се одвива низ населеното место и неопходни се дополнителни средства за да се обезбедни соодветна ибнфраструктура за регонлната депонија…Се што е во наша надлежност ќе биде напоравено за тоа да се спроведе час поскоро, рече таа.

Таа додаде дека процесите и постапките се во тек, изразувајќи надеж дека доколку со ова темпо се одвиваат работите ќе има и резултати на терен.

Со оглед на тоа што се уште нема ниту проект за изградба на обиколница околу Новаци, тешко е да се очекува дека ќе бидат запазени роковите за изградбата на регионалната депонија, предвидени за крајот на 2024 година.