Родителите им ги запишуваат имињата на децата на рацете и нозете: Ова никогаш досега не се случило во Газа, а причината е страшна (фото)

Болница во Газа забележала случаи на деца чии родители ги напишале нивните имиња на нивните тела, загрижени дека „сè може да им се случи“ и дека никој нема да може да ги идентификува.

Како што јави Си-Ен-Ен, во болничката мртовечница во Газа, имињата испишани со црно мастило на кожата биле забележани на телата на три деца. Телата лежеле во мртовечницата, а од секоe билo подигната по една нога за да се види што пишува.

– Добивме некои случаи во кои родителите ги пишувале имињата на своите деца на нозете и стомакот – изјави за Си-Ен-Ен д-р Абдула Раман ал-Масри, шеф на одделот за итни случаи во болницата Ал-Акса во Деир ал-Балах, Газа.

Тој рече дека родителите се плашат дека „би можело да им се случи сè“ на децата и дека никој нема да може да ги идентификува.

– Тоа значи дека тие чувствуваат дека во секој момент се мета и дека можат да бидат повредени или убиени – изјави д-р Масри.

Според Си-Ен-Ен, црното мастило е мал знак на стравот и очајот што го чувствуваат родителите на густо населената енклава додека Израел продолжува со воздушните напади како одмазда за бруталниот напад на Хамас на 7 октомври.

Надзорникот на собата во болницата Ал Акса каде што се мијат мртвите тела ја опиша неделата како „исклучителен ден“. Тој рече дека бројот на загинати во текот на ноќта меѓу сабота и недела надмина 200 и ја потврди изјавата на д-р Масри.

– Она што го забележавме е дека многу родители ги пишуваат имињата на своите деца на нозете за да можат да се препознаат доколку се изгубат по воздушните напади. Ова е нов феномен кој штотуку започна во Газа – изјави неименуваниот супервизор.

– Многу деца исчезнаа, многумина доаѓаат овде со скршени черепи… Невозможно е да се идентификуваат, само ако се напишани нивните имиња тогаш може да се идентификуваат – рече тој.

На болниците во Газа им снемува лекови, вода и струја, додека стотици ранети Палестинци доаѓаат на помош. Д-р Ијад Иса Абу Захер, генерален директор на болницата Ал Акса, за Си-Ен-Ен изјави дека ситуацијата станала „катастрофална“ и дека е „невозможно e за која било болница во светот да прими олкав број на повредени“.

Израел прогласи „целосна опсада“ на Газа пред две недели по нападот на Хамас, бомбардирајќи ја енклавата и оневозможувајќи им на жителите пристап до храна, вода и електрична енергија.

Д-р Фуад ал Булбул, раководител на одделот за новороденчиња во болницата Ал Шифа во Газа, предупреди дека повеќето од новороденчињата што ги чува може да умрат ако останат без гориво.

-Доколку прекине струјата ќе има катастрофални настани во овој ресор. Повеќето од бебињата кои зависат од вентилатори ќе умрат бидејќи можеме да спасиме само едно, две бебиња, но не сите, рече тој во видеото објавено од Министерството за здравство на Газа во неделата.

Дотогаш, неговата болница немаше сурфактант и кофеин цитрат, двете супстанции кои вообичаено се користат за ублажување на проблемите со дишењето кај предвремено родените бебиња, рече д-р Булбул, додавајќи дека повеќето од новороденчињата се во критична состојба и дека неговиот исцрпен тим работел 18 денови по ред.

Додека војната на Блискиот Исток беснее 17-ти ден, најновите податоци покажуваат дека загинале најмалку 4.651, од кои 1.756 се деца, а 967 се жени.

Повредени се 14.245 лица, додека Хамас најави дека милитантната група ќе продолжи да ослободува заложници од „хуманитарни причини“.