Родителите на децата кои трагично загинаа во катастрофата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март испратија писмено соопштение до јавноста во кое изразуваат длабока болка, но и заедничко и јасно барање за целосно законско решение и одговорност од сите вклучени лица и институции.
„Оваа трагедија ја карактеризираме како масовно убиство и сериозна закана по човечкиот живот и безбедност и бараме надлежните институции да дејствуваат професионално, непристрасно и во согласност со важечките закони и меѓународните конвенции. Целосно се дистанцираме од каква било политичка манипулација и не дозволуваме овој трагичен настан да се користи за стекнување политички поени од кој било субјект, без разлика дали од владата или од опозицијата. Бараме веднаш да се спроведе независна и целосна истрага за сите околности поврзани со настанот, со цел да се утврди дали биле почитувани сите законски норми и прописи за работењето на објектот.“
„Сакаме да знаеме дали дискотеката имала валидна оперативна документација, дали надлежните инспекциски служби ги извршиле сите потребни проверки и дали постапила во согласност со законот во однос на урбанистичкото планирање, градежништвото, санитарните услови, безбедноста и противпожарните стандарди. Потребно е да се утврди дали нечија небрежност, злоупотреба или незаконско дејствие довеле до оваа трагедија“, се вели во соопштението.
Родителите нагласуваат дека се подготвени да соработуваат со истакнати локални и странски адвокати кои ќе обезбедат правна поддршка во сите фази од процесот, вклучително и евентуалното покренување на случајот пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
За сабота, 10 мај, во Кочани е најавен нов протест, „Марш за ангелите“, кој ќе започне во 16:05 часот, симболизирајќи го одложениот институционален одговор.