Родителството продолжува по разводот, разводот е огромен предизвик дури и за најфункционалните поединци
Родителите можат да се разведат доколку врската веќе ги оптоварува, но во ниту еден случај не значи дека тие престануваат да бидат родители, велат психолозите и стручните лица од Куманово.
Разводот е огромен предизвик дури и за најфункционалните поединци, носи силни негативни емоции и фази кои треба да ги поминат и возрасните и децата. За децата, разводот може да биде пречка во нивното емоционално зреење во здрава индивидуа. Тие често се чувствуваат отфрлени, сами, оптоварени да се носат со последиците на возрасните.
– Ако родителите по разводот не воспостават добар и пријателски родителски систем, кај децата се јавуваат проблеми, намалена способност на децата да се справат со конфликти, намалени социјални вештини, психолошки нарушувања, проблеми во однесувањето, социјална повлеченост, отсуство од училиште, зголемени емоционални и психијатриски проблеми. Разводот и одвојувањето резултира со помалку грижливо или презаштитничко родителство за време на адолесцентни години. Разводот доведува до распуштање на семејниот систем и бара редефинирање на семејството така што основните потреби на членовите, особено потребите на децата да продолжат да се задоволуваат, вели Сања Јовановска психолог/терапевт и вработена во Центарот за социјални работи.
Во Куманово согласно податоците на Основниот суд во 2022 година водени се 270 постапки за развод на брак, 19 за издршка на деца, девет постапки за измена на одлука за доделување деца и три за оспорување татковство, соопштија од судот.
Претходната година при проверките во АКМИС-системот покажуваат дека во 2021 година се водени 284 постапки за развод на брак, 11 за издржување деца, две за издржување родители, 15 постапки за измени на одлуки за доделување деца, две за утврдување татковство, една за оспорување татковство, една по други видови семејни односи.
Од кумановскиот суд нагласуваат дека во бракоразводната постапка се опфатени повеќе основи, други видови семејни односи, издржување деца, брачен другар, издржување родител, измена на одлука за доделување деца, оспорување татковство и мајчинство, прогласување дете родено во брак, развод на брак, родителски права, семејно насилство, утврдување татковство и мајчинство.
И податоците во Центарот за социјални работи Куманово покажуваат благо намалување на разводите во Куманово. Според податоците на одделението за брак и семејство кои се однесуваат на бракоразводите, во 2021 година имало 370 предмети во работа, а во 2022 година 362. Бракоразводни постапки во 2021 вкупно 173, додека во 2022 година 135, но постапки со нарушени брачни односи во 2021 само три, додека во 2022 година – 24.
– Намалувањето на бројот на поведени постапки за развод на брак се должи и на надминување на стигмата за институционална помош и поддршка и неретко со појавата на проблемите во брачната заедница еден или двајцата партнери веднаш бараат помош и поддршка во центарот со што во голема мера се решаваат одредени конфликти, изјави директорката на центарот Александра Арсовска.
Причините за развод во овој период значително се разликуваат од претходните децении. Според податоците на Центарот пред десетина години главни причини за развод на бракот било неверството, карактерните разлики на брачните партнери, егзистенцијата на семејството како резултат на материјалната необезбеденост по основ на невработеност. Во последните неколку години причина за развод се присуство на социо-патолошки појави, како што се зависноста од коцкање, зависноста од алкохол и зависност од дроги и други психотропни супстанции и неретко има случаи каде и двајцата родители се опфатени со некоја од зависностите. Во овој период како причина е и зависноста од интернет и социјалните мрежи, која како појава е забележана од 2013 година наваму. Доколку колку има индиции за постоење на некоја од зависностите или, пак, има информации за постоење на некоја друга несоодветна состојба Центарот носи решение за надзор на родителското право со следење на исполнувањето на родителските обврски на едниот или на двајцата родители.
– Честопати, за жал, сме сведоци на подлабок конфликт меѓу поранешните партнери, кој особено ги афектира и децата на начин што ја ослабнува врската родител дете, особено со родителот со кој не живеат. Начинот на кој секој од родителите продолжува да се однесува со децата е од клучно значење за разбирањето на разводот од страна на детето и за последователната стабилизација на односот родител – дете. Секој родител мора да воспостави независна врска со детето за успешно да ја мине оваа транзиција, но продолжувањето на секоја единица за односи родител – дете бара континуирана меѓузависност на поранешните сопружници. Овој парадоксален и сложен процес бара разјаснување на улогите и границите помеѓу родителските и брачните потсистеми, вели Јовановска.
Пријателски односи на родителите по развод и нивно заедничко учество во растењето и воспитувањето на децата е од особено значење за здрав психофизички развој на децата. Среќата и благосостојбата на децата зависи од однос на родителите по разводот, како и и односот на секој родител кон детето.
– Поради комплексноста на процесот на развод и тагувањето по разводот доколку родителите не успеваат да воспостават добра родителска релација и поврзување со децата потребна е редовна психотерапија со цел надминување на личните емоционални состојби на поранешните партнери, полесно минување низ фазите на тагување, како и препознавање на своите емоции и соодветно менаџирање со нив. Психотерапијата исто така овозможува на разведените сопружници да се ослободат од брачните улоги, и на индивидуално и на интерактивно ниво, додека развиваат нови правила и мерки за нивната постојана врска како родители, додава Јовановска.
Разводот е сложен процес и бара разјаснување на улогите и границите помеѓу родителските и брачните потсистеми. Се чини дека една главна компонента на процесот на редефинирање е способноста на родителите да одржуваат детско-центрирана врска. За некои ова вклучува лично континуирано пријателство.
– Центарот како старателски орган има задача да се грижи за правата и интересите на малолетните деца кои најчесто се најголемите жртви од бракоразводните постапки. Се прави проценка на развојните потреби на детето, проценка на капацитетот на родителите, како и проценка на влијанието на локалната средина врз детето и семејството. Стручен тим во состав социјален работник, психолог, педагог и правник ги согледува сите факти и околности во однос на сите три аспекти кои се предуслов за обезбедување правилен психофизички развој, воспитание, образование за малолетните деца и дава предлог до судот кој од двајцата родители треба да пpoдолжи да се грижи за децата, а одлуката ја носи Основниот суд, вели Арсовска.
Иако брачните другари законски ја прекинале својата врска, нивната родителска функција останува. Ова е дополнително предизвикувачки за партнерите кои во моментот на развод и по разводот се преплавени со негативни емоции и секој на свој начин се бори и соочува со нив. Родителството по развод и во период на развод бара дополнителен, пред сè емоционален, но и временски ангажман, со цел навремено задоволување на потребите на децата, но и помош на децата полесно да минат низ процесот на развод на своите родители.