Романија гради втор најголем рудник за бакар во ЕУ

Романија е на чекор до изградба на еден од најголемите рудници за бакар и злато во Европа – „Долина Ровина“. Проектот, управуван од канадската компанија „Еуро Сан Мајнинг“, е ставен на листата на 47 стратешки проекти на Европската Унија за критични минерални суровини и ќе има поддршка за забрзана реализација.

Рудникот ќе се гради во историскиот рударски регион во Романија, а содржи над 10 милиони унци златен еквивалент. Очекувањата се дека ќе стане најголемиот рударски проект во земјата по повеќе од четири децении. Недостасува уште само дозволата од еколошката студија, која треба да се изготви во следните месеци.

Во проектот како финансиер и стратешки партнер влегува мултинационалната компанија „Трафигура“, која обезбеди инвестиција од 200 милиони долари, со можност за уште толку до целосно отворање на рудникот. Компанијата „Трафигура“ е позната и на македонската јавност поради нејзиното учество во проектот за рудник за бакар во Иловица, преку поддршка на фирмата „Еуромакс ресоурсес“.

Во Македонија, пак, проектот Иловица-Штука останува заглавен во правна неизвесност, поради отпори од дел од јавноста и нерешени регулативи. Компанијата најави можност за меѓународна арбитража, повикувајќи се на билатералната спогодба за инвестиции со Швајцарија од 1996 година. Притоа, потсетуваат дека рудникот би донел 1.000 директни работни места при изградба, и 500 во текот на работењето, како и значаен фискален ефект за локалните општини.

Слични проекти на Кожуф и Казандол, кои исто така имаа странски инвеститори, останаа нереализирани, а македонската рударска индустрија бележи континуиран пад во учеството во БДП. Во земјава не е отворен нов рудник повеќе од 40 години, иако, според експертите, Македонија поседува залихи од критични минерали кои ЕУ ги идентификува како стратешки.

Во меѓувреме, новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини најави измени во Законот за рударство, а МАНУ работи на нова Стратегија за минерални суровини со цел да се воспостават јасни, одржливи и законски регулирани услови за развој на секторот.