Рубио реагираше по потегот на израелскиот парламент: Анексијата на Западниот Брег е закана за мирот во Газа
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека потегот на Кнесетот за анексија на Западниот Брег би го загрозил планот на претседателот Доналд Трамп за прекин на конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа.
„Гласањето помина во Кнесетот, но претседателот јасно стави до знаење дека тоа не е нешто што ние би го поддржале во овој момент“, им рече Рубио на новинарите пред да замине за Израел.
Тој додаде дека таков потег претставува закана за мировниот договор.
Минатиот месец, Трамп го прекина молчењето за потенцијалната израелска анексија на Западниот Брег, во услови на растечко арапско противење. Трамп рече дека нема да го дозволи тој потег.
„Тие се демократија, луѓето ќе ги имаат своите гласови, луѓето ќе ги заземат овие позиции, но во овој момент мислиме… дека тоа би можело да биде контрапродуктивно“, рече Рубио.
За потсетување, израелскиот парламент вчера гласаше за давање прелиминарно одобрение на закон со кој се воведува израелски суверенитет над окупираниот Западен Брег, потег што е еднаков на анексирање на палестинска територија.
Гласањето, кое се случи еден месец откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да дозволи Израел да го анектира окупираниот Западен Брег, се одржа за време на посетата на американскиот потпретседател Џ. Д. Венс на Израел за да се зацврсти договорот за прекин на огнот во Газа.