Четири ударни роботизирани оклопни возила Marker се подготвени за испраќање во Донбас, напиша на Telegram поранешниот директор на Роскосмос и шеф на научно-техничкиот центар „Царски волци“ Дмитриј Рогозин.
„Извршниот директор на Android Technics со седиште во Магнитогорск, Евгениј Дудоров соопшти дека почнал со товарење на четири беспилотни роботи Marker, кои потоа ќе бидат испратени во Донбас“, истакна Рогозин.
Тој претходно изјави за Sputnik news дека во февруари во воената зона ќе пристигнат четири роботи Marker, кои ќе бидат во разузнавачка варијанта и ударна верзија. Роботите ќе учествуваат во битки по тестирање на полигон.
Тој изјави дека овој робот може автоматски да ги уништи тенковите Abrams и Leopard и други машини користејќи електронски каталог во контролниот систем со слики од непријателска опрема. Роботот Marker е произведен од компанијата Android Technics заедно со Фондот за проспективни истражувања.
Роботскиот комплекс тежи околу три тони и има напредни вештини за автономно движење, а ги препознава објектите користејќи технологии за вештачка интелигенција. Автономијата на платформата ја обезбедува модуларен мултиспектрален систем, во кој податоците се обработуваат со помош на алгоритми на невронски мрежи, објави Sputnik news.
Да потсетиме, Германците одобрија испраќање тенкови Leopard, а Американците тенкови Abrams во Украина, за да ѝ помогнат на оваа земја да се одбрани од руската агресија која трае речиси една година.