– Коментарот на советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, за „апсолутен консензус“ за изведување напади против „сè што е руско“ на Крим е доказ за „соучесништво“ на Западот во руско-украинската војна, изјави денес поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
Медведев, кој моментно ја извршува функцијата заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност, во изјавата на Телеграм рече дека „сега нема причина за сомнение“ за вмешаноста на Западот во руско-украинската војна на страната на Киев.
Овој „апсолутен консензус“ е „директен правно значаен доказ“ за соучесништвото на Западот, додаде тој.
„Рафиниран ‘казус бели’ и можност за Русија да дејствува во рамките на ‘јус ад белум’ против сите и секого во НАТО-земјите“, рече Медведев и додаде: „Тоа е тажно, за жал. Предвидувањата за апокалипсата се сè поблиску.“
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пак, истакна дека коментарот на Михаило Подољак „не е тајна“, посочувајќи дека затоа таквите политики Москва ги нарекува „русофобија“ и ги дефинира западните земји како „непријателски режими“.
Вчера Подољак во интервјуто за украинскиот парламентарен ТВ-канал „Рада“ изјави дека постои „апсолутен консензус“ дека земјата може „да уништи сè што е руско, на пример, на Крим“.
„Да ве потсетам дека пред една година, дури и кога имаше одредени напади врз Крим, сите велеа: ‘Не, не! Ајде да одиме без тоа.’ Денес постои апсолутен консензус еквивалентен на бројот на земји што нѐ поддржуваат во тоа дека можеме да уништиме сè што е руско на окупираната територија“, рече Подољак.