Русија и Северна Кореја се согласија да ги здружат силите против „воената закана на империјалистите“

 – Русија и Северна Кореја се договорија дополнително да ја зајакнат стратегиската и тактичката соработка и да ги здружат силите против „воената закана на империјалистите“, објавија денес државните медиуми на Пјонгјанг.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин се сретнаа вчера и разговараа за прашањата за непосредна соработка „за одбрана на суверенитетот и развојот и интересите на двете земји“, јави Корејската централна новинска агенција.

Ким, кој во вторникот пристигна во дводневна посета на рускиот град Владивосток со својот специјален блиндиран воз, се сретна со Путин по четири години.

Путин ја прифати поканата од севернокорејскиот лидер да го посети Пјонгјанг, јави новинската агенција.

За време на престојот во Русија, Ким, заедно со Путин, го посети и вселенскиот центар Восточни, каде што беше информиран за техничките карактеристики на ракетите носачи „Сојуз-2“, „Ангара“ и други типови носечки ракети.

За време на посетата на Русија, Ким беше придружуван и од неговиот министер за одбрана и други високи воени команданти.

Вчера, Путин рече дека неговата средба со Ким била продуктивна, опишувајќи ја како „искрена размена на мислења“ за ситуацијата во регионот и за билатералните односи.

Тој истакна дека Русија и Северна Кореја имаат можности за развој на воената соработка, и покрај санкциите на Обединетите нации (ОН).

„Постојат одредени ограничувања. Русија ги почитува сите овие ограничувања. Но, има работи за кои можеме да зборуваме. И тука, исто така, има изгледи. Според сегашната состојба, ние исто така имаме можности, кои ги воочуваме и за кои разговараме“, рече Путин за време на неговото интервју за државниот телевизиски канал „Росија-1“.