Русија и Украина: На северозапад од Русија погоден аеродром, дожд од дронови над Киев

Најмалку две лица загинаа во нападот на Киев. Два транспортни авиони се запалени на аеродромот Псков, во северозападна Русија, во напад со дрон, јавија руските државни медиуми.

Два воени транспортни авиони се оштетени во напад со дрон на аеродромот во северозападниот руски град Псков, јавуваат руските новински агенции.

Според извештаите, во нападот се запалиле транспортни авиони Иљушин 76.

Локалниот гувернер претходно изјави дека армијата го одбива нападот.

Тој објави видео на кое се гледа голем пожар, а се слуша и експлозија.

Псков е оддалечен повеќе од 600 километри од Украина и е блиску до границата со Естонија.

Аеродромот се користи и за цивилни и за воени цели.

Голем напад на Киев: Најмалку двајца загинати

Киевско утро, 30 август/REUTERS/Глеб Гаранич

Додека беа пријавени напади со беспилотни летала во неколку руски области, во исто време и главниот град на Украина беше под жесток напад од руски ракети и беспилотни летала.

Иако украинската војска тврди дека ги соборила сите 28 руски ракети и 15 од 16 лансирани беспилотни летала, исто така беше објавено дека најмалку две лица загинале, а едно лице е рането.

Градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко изјави дека неколку згради биле оштетени од ударот на остатоците од соборените дронови.

Повеќе од 20 проектили и беспилотни летала беа „уништени од силите за воздушна одбрана“ во текот на ноќта, напиша градската воена управа на Киев на Телеграм, опишувајќи го воздушниот напад како „најмасовниот“ од пролетта.

Напад на аеродром во Русија

Повикувајќи се на итните служби, руската новинска агенција Тас најпрвин објави дека четири авиони Иљушин 76 се оштетени, а два се „запалени“.

Новинската агенција РИА тогаш објави дека два авиони Ил-76 се запалиле.

Украина не го објави овој напад, но Киев досега ретко коментираше за напади во Русија.

Се верува дека Украина ја зголемила употребата на експлозивни беспилотни летала за напади врз цели во Русија во последните недели.

Мета на беспилотни летала беше и регионот Псков на крајот на мај.

Три лица загинаа во напад со беспилотно летало во руската област Белгород минатата недела, неколку часа откако дронот го погоди центарот на Москва, соопштија руските власти.

Тоа се случи само неколку дена откако рускиот водечки бомбардер со долг дострел беше уништен во напад на украинско беспилотно летало во близина на вториот по големина град во Русија, Санкт Петербург.

Иако Украина не соопшти дека извршила конкретни напади со беспилотни летала, претседателот Володимир Зеленски претходно изјави дека нападите на руска територија се „неизбежен, природен и апсолутно праведен процес“ додека војната со Русија продолжува.

Одбиен е напад со дрон врз Москва

Руската воздушна одбрана уништи беспилотно летало кое се движело кон Москва, соопшти градоначалникот на руската престолнина Сергеј Собјанин.

Тој прецизираше дека дронот е уништен во областа Ружски.

„Вечерва во Централниот федерален округ беше обид за масовен напад со дрон“, напиша Собјанин на каналот Телеграм во средата.

Тој додаде дека нема жртви, но аеродромите во Москва се привремено затворени.

Напади беа пријавени и на неколку други руски области, а гувернерот на Севастопол на полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, објави дека руските сили ја одбиле акцијата на поморските беспилотни летала.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека авијацијата на Црноморската флота уништила четири чамци со десантни групи на вооружените сили на Украина со до 50 лица.