Русија негираше во ОН дека депортира украински деца

– Русија денеска во Обединетите нации негираше каква било „депортација“ на нејзина територија на илјадници украински деца по инвазијата на Украина, за што ја обвинуваат Киев, меѓународната правда и невладини организации.

Комитетот на ОН за правата на децата, кој на редовна седница го разгледува рускиот случај, денеска ја повика Москва да ги објасни „наводите за депортација“.

„Од февруари 2022 година, Руската Федерација не учествува во депортацијата на украинските граѓани на нејзина територија“, одговори денеска шефот на руската делегација Алексеј Вовченко, кој е заменик министер за труд и социјална заштита.

„Околу 3 милиони жители на Украина, вклучително и одреден број деца, беа примени во Руската Федерација. Повеќето од децата дојдоа со своите семејства или старатели, беа сместени во привремени засолништа или кај роднини“, рече Вовченко.

Сепак, тој посочи дека во тек се проверки за состојбата на „над 5.000 деца“.

Русија, која во февруари 2022 година ја нападна соседната земја, тврди дека анексираше пет украински региони: Крим во 2014 година, а потоа во 2022 година регионите Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон.

Украина проценува дека 20.000 украински деца биле насилно испратени во Русија. Само околу 400 се вратени од властите.

Минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење против рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за прашања за децата Марија Лвова-Белова за „депортација“ на илјадници украински деца.