Русија обезбеди 27 тони хуманитарна помош за населението во Појасот Газа

– Русија денес објави дека ќе достави 27 тони хуманитарна помош за населението во Појасот Газа.

„Помошта беше организирана по налог на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, и во име на Владата на Руската Федерација“, се вели во соопштението на Министерството за вонредни ситуации објавено на Телеграм.

Во соопштението се додава дека специјалниот авион полетал од Москва во правец на аеродромот „Ел-Ариш“ на египетскиот Синајски Полуостров, превезувајќи брашно, шеќер, ориз и тестенини.

„Руската хуманитарна помош ќе биде предадена на претставниците на египетската Црвена полумесечина за испорака во Појасот Газа“, се додава во соопштението.

Газа се соочува со тешка хуманитарна криза без струја, додека водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.

Бројот на загинати во израелските напади од 7 октомври во Појасот Газа е зголемен на 3.478, со повеќе од 12.000 повредени.