Русија тврди дека санкциите не им можат ништо: “Дали знаете колку оружје и воена опрема произведуваме за еден месец ?“

Русија во понеделникот објави дека драматично го зголемила производството на муниција и воена опрема, a ова го потврди и рускиот вицепремиер Денис Мантуров.

Од почетокот на оваа година се произведени многу видови оружје и воена опрема во количини многу поголеми од минатата година. Што се однесува до муницијата, достигнуваме ниво кога испораките за еден месец ги надминуваат вкупните нарачки од минатата година“, изјавил Денис Мантуров, пренесуваат руските медиуми.

Министерот за одбрана на РусијаСергеј Шојгу, во мај изјави дека неговите сили зависат од навременото надополнување на резервите на муниција и опрема и повика на зголемено производство.

Западот сакаше да ја спречи Москва да ги обнови своите испораки со воведување санкции и забрана за извоз на машински делови и електронски компоненти. Но, аналитичарите велат дека Русија заобиколила некои санкции со увоз преку трети земји.

Минатата недела помошникот на украинскиот претседател Михаило Подољак соопшти дека Украина користи 5.000 до 10.000 од еден вид гранати дневно.

Во јули, Европската унија потпиша план за зголемување на производството на муниција како дел од напорите за вооружување на Украина и обновување на нејзиниот исцрпен арсенал.