Делото на Гоце Делчев ги обврзува македонските поколенија на зачувување на слободата, демократијата и независноста

 Гоце Делчев се појави на македонската историска сцена кога беа силно изразени вековните надежи и стремежи за слободна и современа Македонија. На тој процес, тој му даде свој својствен, прогресивен печат, го раздвижи и го постави на високи начела, посочува д-р Јасмина Дамјановска, историчар од Државниот Архив на Република Северна Македонија.

На денот на раѓањето на Гоце Делчев, денеска, во соработка со Дамјановска, издвојуваме сегменти за ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, најмногу како идеолог и еден од главните организатори на македонското националноослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Георги Делчев – Гоце, син на Султана и Никола Делчев, е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, детството го минал во родниот Кукуш, завршил Егзархиска Гимназија во Солун, а учел и на Военото училиште во Софија за што се здобил со свидетелство за завршен тригодишен курс на училиштето, но без право на офицерски чин. Кон крајот на 19. и почетокот на 20. век, тој бил учител во штипското село Ново Село, а како визионер е назначен за раководител на Македонската револуционерна организација-МРО каде бил приклучен од страна на Даме Груев. Делчев бил еден од основачите на четничкиот Институт на организацијата кој се состоел од инструктори за чети, агитациски чети, селска полиција и народна војска. Во тоа време, организацијата низ целата територија на етнографска Македонија формирала револуционерни окрузи. Пред избувнувањето на Илинденското востание, Делчев станал еден од главните поборници на идејата да не се крева избрзано востание во Македонија и да се чека поволен моменет за тоа. Гоце Делчев загина во судир со турската војска кај селото Баница, Серско, на 4 мај 1903 година. Коските на Гоце Делчев на 10 октомври 1946 година беа положени во црквата „Св. Спас“ во Скопје и се сочувани како скапоцена реликвија на македонскиот народ.

– Неговата личност и живот посветени на ослободителното дело ги обврзаа сите македонски поколенија на зачувување на слободата, демократијата и независноста. Гоце Делчев со право беше наречен балкански и македонски Гарибалди, „човек, не повеќе – но човек со сето големо значење на тој збор. Неговите мисли „За мене е неразбирливо, кога од нас се бара она што ние го бараме од целиот свет“ и „Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!“, како и многу други, ги задолжија македонските поколенија за одржување на слободата и на државноста, вели д-р Дамјановска, во публикација посветена на годишнината од раѓањето на иделогот на македонското ослободително движење, кој е отсликување не беспрекорен хероизам, непокор и пожртвуваност на македонскиот народ.

Познато е дека за Гоце Делчев, како една од најзначајните македонски историски личности, постои обемен научно-историски и книжевен опус. Во еден дел станува збор за естетизиран белетристички пристап со присутен романтичарски патос, а забележливо е и честото спомнување на неговото име во нашето фолклорно творештво. Сепак неговиот лик и дело заслужуваат и нови истражувања, нови студии и научни собири и преведување на новите наоди на светските јазици. Се разбира, притоа е битно историската наука да биде понастрана од дневната политика, да го задржи објективниот пристап, ослободен од стегите на зададените идеолошки и национални наративи. Во овој контекст, она што како материјал е собрано во нашиот архив, има непроценлива вредност, вели Дамјановска.

– Освен во историските читанки и во нашата литература, Делчев е присутен и во музичката уметност, во сликарството, во радио-драмите, во телевизиските и филмски проекти. Се надевам дека и нашите современи уметници, творејќи на различни полиња и во различни медиуми ќе најдат предизвик и инспирација во биографијата на Делчев, во неговите мисли и идеи, и ќе ни понудат нови авторски перспективи. Државниот архив од 21 декември 1973 година поседува 41 оригинално писмо во ракопис на Гоце Делчев, меѓу кои и најстарото сочувано писмо пишувано на 22 октомври 1892 година во Битола. Писмата предадени од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје, кои датираат меѓу 1892 и 1902 година, се писма кои Гоце Делчев ги испраќал до своите најблиски соработници, сомисленици, другари и пријатели, со кои тој непосредно соработувал во организациското зацврстување на редовите на револуционерната организација. Од писмата на кои се употребувал амблем на Организацијата, се воочува практичното умеење, стилот на револуционер и организатор на македонското дело, умешноста и својата револуционерна аксиома, заокружувајќи го како високоинтелигентна личност во историјата на македонското национално ослободително движење, нагласува д-р Дамјановска, автор на публикацијата чиј издавач е Државен архив на РСМ.

Потсетувајќи на 4 февруари, денот кога се роди Делчев, тој скромен деец на Внатрешната организација, идеолог и организатор, вистински народен предводник на македонското националноослободително движење, истакнат трибун на македонската самостојност и самобитност, и во оваа прилика издвојуваме една од неговите незаборвни мисли и пораки: – „Јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што поради жестоките политички услови ќе биде нашата. Ослободување на Македонија лежи во внатрешноото востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже себеси и другите“ – Гоце Делчев.

Гоцевите идеи и револуцинерна традиција доследно се одбележуваат од македонските истражувачи, поети и писатели, новинари, филмски режисери…Со неговото име, современата македонска држава се темели на меморијата за него. Во чест на Делчев, Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија, во 1950 година донесе Указ за измена на градот Царево Село во Делчево, а од тогаш до денеска во земјава именувани се многу институции, библиотеки, клубови, државни награди…во Битола со гордост неговото име го носат плоштадот „Гоце Делчев“, основното училиште „Гоце Делчев“, фолклорното друштво „Гоце Делчев“, а за туристите посебно атрактивна е Спомен Куќата на Гоце Делчев во Битола.