– Руското Министерство за одбрана денес објави дека руските сили ја зазеле железничката станица Молчаново во украинската област Харков, која се користи за снабдување со оружје, муниција и транспорт на воен персонал.
Говорејќи на прес-конференцијата во Москва, портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, рече дека друг важен воен објект, воздухопловната база Канатово, резервна воздухопловна база на украинското воздухопловство лоцирана во Кировоградската Област, била погодена од високо прецизно оружје.
Тој додаде дека синоќа нападот бил насочен кон индустриската инфраструктура и инфраструктурата за гориво во Одеса.
Украинските власти и медиуми синоќа објавија информации за голем број експлозии во најмалку 10 региони на Украина.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера го повика Западот да ѝ достави на Украина повеќе системи за противвоздушна одбрана.