Русија соопшти дека Украина вчерс се обидела да го нападне Кримскиот мост со ракета С-200, додавајќи дека ракетата била откриена и соборена.
„Вчера, режимот во Киев се обиде да изврши терористички напад на Кримскиот мост со ракета за воздушна одбрана С-200, претворена во ударна верзија. Украинската ракета беше навремено откриена и пресретната во воздух од руските системи за противвоздушна одбрана. Немаше штети и повредени“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Шефот на Крим, Сергеј Аксјонов, на Телеграм рече дека се соборени два проектила, повторувајќи ја изјавата на Министерството за одбрана дека нема оштетувања на мостот.
Украинските власти допрва треба да одговорат на тврдењата на Русија, меѓутоа, државната новинска агенција Укринформ сподели фотографија од мостот, на која се гледа силен чад од двете страни, придружена со потсмешлива забелешка: „Би сакале да ги потсетиме напаѓачите дека пушењето му штети на здравјето и интегритетот на диво поставените мостови.“
Украинскиот претседател Владимир Зеленски во јули изјави дека нападите на руска територија се „неизбежен, природен и апсолутно фер процес“.
Покрај тоа, советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, во петокот изјави дека нападите со беспилотни летала на руска територија ќе станат „почести и поефикасни“.
Кримскиот мост, познат и како мост Керч кога минува низ Керченскиот Теснец, ја поврзува континентална Русија со полуостровот Крим, кој е под нејзина контрола од 2014 година.