– Украина почна да сфаќа дека е алатка на Западот за враќање на неоколонијалната зависност, истакна денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Коментирајќи ги изјавите на Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, дека третата светска војна веќе започнала и дека „сè е многу покомплицирано“ од конфликтот меѓу Русија и Украина, Захарова на Телеграм напиша: „Конечно сфатија.“
„Конечно, дури и ‘избраните’ го сфатија… сфатија дека ова воопшто не е руско-украински конфликт, туку глобален обид на Западот да го врати светот во колонијална зависност“, истакна таа.
Според Захарова, крајна цел на Западот е да ја зачува контролата врз светските ресурси и богатството што не му припаѓа.
Захарова наведе дека зборовите на Данилов може да значат дека „украинското раководство сфатило дека е алатка на Западот“.
„Прашајте го Данилов што се крие зад ова ‘сè е многу покомплицирано’? Дали тоа е увид за улогата на Украина во оваа историска ера?“, праша таа.
Во обраќањето на Киевскиот безбедносен форум во Киев претходно Данилов рече дека е „голема грешка“ ако некој мисли дека третата светска војна не започнала.
„Веќе почна, траеше одредено време во хибриден период, а сега влезе во активна фаза“, рече тој.