Русија ја обвинува Украина дека продолжува да работи на „валкана нуклеарна бомба“

– Руската служба за надворешно разузнавање денес ја обвини Украина дека продолжува да работи на создавање „валкана нуклеарна бомба“, објавија руските медиуми.

„Директорот на Службата за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, рече дека неодамна се појавиле информации што индицираат дека е можно Киев да продолжил да работи на создавање ‘валкана нуклеарна бомба’“, се вели во соопштението на Службата, јави државната новинска агенција ТАСС.

Според соопштението, руската Служба тврди дека добила и информации за наводната одлука на украинските власти за праќање „озрачено гориво“ од нуклеарната централа „Ривне“ на преработка.

„Се надеваме дека МААЕ (Меѓународна агенција за атомска енергија) и релевантните структури на ЕУ ќе обрнат внимание на ваквите активности на Киев и ќе ја зајакнат контролата врз секоја од активностите на режимот во Киев на нуклеарно поле, особено во нуклеарната централа ‘Ривне’ и во зоната во Чернобил“, се додава во соопштението.

Исто така, се тврди дека потенцијалната употреба на „валкана нуклеарна бомба“ од страна на Украина ќе има „тешки последици по животот и здравјето на целата популација и на екосистемот на Источна Европа и на државите од Европската Унија и регионот на Црно Море“, се вели во соопштението.

Украинските власти сѐ уште не ги коментираа овие тврдења.

Русија имаше слични тврдења за ова прашање во октомври минатата година, предупредувајќи ги западните земји за можен заговор на Украина за употреба на „валкана бомба“ на своја територија, а потоа да ја обвинат Москва.

Западните земји ги отфрлија тврдењата, истакнувајќи дека тие можеби се наменети да постават основа за руска измама по тоа прашање.