„Руската линија е пробиена, бригадите се сломени“ Украински генерал за ситуацијата на фронтот – продолжува пеколот во Бахмут

Врховниот командант на украинските копнени сили, генералот Олександр Сирски денеска изјави дека е пробиена руската одбранбена линија кај Бахмут.

„Откако ги вративме селата Андрејивка и Клишчивка, беше пробиена противничката одбранбена линија“, тврди Сирски, а пренесуваат од воениот прес-центар.

Тој додаде дека овие мали градови биле важен елемент на руската одбранбена линија која се протега од Бахмут до Горловка.

Украинскиот генерал додава дека три руски бригади „биле здробени и целосно ја изгубиле борбената способност“ во битките кај Бахмут.

,,Општата ситуација во источната зона и понатаму е комплицирана, а жестоките борби кај Бахмут продолжуваат“, рече тој.

Генералот Сирски вели и дека руската армија извршила бројни контранапади со надеж дека ќе ги врати загубените позиции.