Рускиот парламент ќе расправа в понеделник за законот за конфискација на имот на противниците на војната
Претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин денеска изјави дека следната недела ќе биде претставен закон за конфискација на имотот на непријателите на руската држава и противниците на војната во Украина, јави ДПА.
Неопходно е да се „казнат злосторниците кои фрлаат нечистотија врз нашата земја, војниците и офицерите кои учествуваат во специјалната воена операција“, напиша спикерот на Думата на Телеграм, користејќи го преферираниот термин на Кремљ за инвазија врз Украина што почна во февруари 2022 година
Релевантниот предлог-закон ќе биде доставен до Думата в понеделник, наведе Володин.
Новиот закон ќе дозволи конфискација на „пари, вредни предмети и друг имот што се користи или наменет за финансирање криминални активности насочени против безбедноста на Руската Федерација“, објави Володин. Тој наведе осум активности кои би можеле да доведат до конфискација, вклучително и поддршка за санкции против Русија.