Руските пратеници го заострија Кривичниот законик поради сузбивање на противниците на власта

 – Руските пратеници денеска изгласаа серија амандмани на Кривичниот законик, со кои се зголемуваат казните наменети за сузбивање на противниците на власта, а со еден се воведува доживотен затвор за „велепредавство“.

Државната дума, Долниот дом на рускиот Парламент, гласаше за казнување на тие кои „помагаат во спроведувањето на одлуките на меѓународните организации“ кои Русија не ги признава.

Со затворска казна до пет години ќе се соочат тие кои ќе ја прекршат таа одредба, која се чини дека е насочена кон Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налог за апсење на Владимир Путин во март, или тие кои им помагаат на „странските владини организации“.

Според руската организација за човекови права ОВД-Инфо, тој член од законот може да ги таргетира и тие кои „го олеснуваат извршувањето на судските одлуки и истрагата за воените злосторства“, бидејќи руските трупи во Украина се обвинети за тоа.

Максималната казна за „велепредавство“ е зголемена од 20 години на доживотен затвор.

Рускиот суд вчера го осуди опозицискиот активист Владимир Кара-Мурза на 25 години затвор за „велепредавство“. Кара-Мурза (41) беше обвинет за велепредавство, ширење „лажни“ информации за руската армија и поврзаност со „непожелна организација“.

Со амандманите усвоени денеска, исто така, се зголемуваат казните за злосторствата поврзани со тероризмот, за кои понекогаш се вели дека имаат за цел да ја сузбијат опозицијата.