Руски воен авион го наруши шведскиот воздушен простор

 Руски воен авион вчера го наруши шведскиот воздушен простор источно од балтичкиот остров Готланд, по што беше пресретнат од шведските воени авиони, соопшти денеска шведската армија.

Во соопштението од шведската армија се наведува дека рускиот воен авион Су-24 бил предупреден, но не одговорил поради што бил пресретнат од шведските воени авиони.

– Нарушувањето на шведскиот воздушен простор било краткотрајно. Руските акции не се прифатливи и покажуваат недостаток на почит кон нашиот територијален интегритет. Го следевме целиот синџир на настани и бевме подготвени да интервенираме, изјави шефот на шведските воздухопловни сили, Јонас Викман.