– По повод пристигнувањето на рускиот брод за крстосување од Сочи во грузиското пристаниште Батуми се одржаа протести во текот на кои демонстрантите се судрија со полицијата.
Демонстрантите ја обвинија Русија дека применува политика на насилство и окупација кон Грузија.
Демонстрантите тврдат дека на крузерот имало руски новинари и уметници што ја поддржуваат политиката на насилство на Русија кон Грузија и војната во Украина и порачаа дека нема да ги пуштат руските туристи да влезат во Батуми.
Обвинувајќи ја Русија за окупација на грузиските области Абхазија и Јужна Осетија, демонстрантите исто така порачаа дека нема да дозволат крузерот „Асторија Гранде“ да остане во пристаништето на Батуми.
Притоа полицијата презеде засилени безбедносни мерки во пристаништето и постави барикади.
Откако крузерот рано утрото пристигна на пристаништето, демонстрантите се судрија со полицијата која не им дозволи да се приближат до бродот.
Полицијата приведе деветмина демонстранти и со автобуси ги пренесе патниците од крузерот.