Рјабков: Во случајот со Гершкович, притисокот на САД нема да има влијание врз одлуките на Москва

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека Москва не ги прифаќа обидите на САД да вршат притисок во случајот на уапсениот новинар на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович, кој е обвинет за наводна шпионажа.

Руската безбедносна агенција ФСБ го уапси Гершкович, американски државјанин, на крајот на март и го обвини за наводна шпионажа, што предвидува максимална казна затвор од 20 години, а американските власти побараа од Русија веднаш да го ослободи новинарот и соопштија дека неговото затворање е неприфатливо, пренесува агенцијата РИА Новости.

Рјабков изјави дека се разгледува прашањето за конзуларен пристап на уапсениот американски новинар, кој има само минимален контакт со неговиот правен тим од притворот пред две недели.

Тој соопшти и дека Москва не ги прифаќа обидите на САД да вршат притисок на оваа тема.

„Нема да прифатиме никакви обиди за притисок и не ни е важно каков статус има оваа личност во Вашингтон. Ќе постапуваме во согласност со нашите сопствени внатрешни потреби, норми, правни акти кои важат за оваа ситуација, ништо повеќе“, нагласи рускиот заменик – министер за надворешни работи.

Тој додаде дека по прашањето за конзуларниот пристап, Русија постапува во согласност со сопствените закони, земајќи ги предвид релевантните одредби од конзуларната конвенција и се води од постоечката практика во оваа област.

Следната недела московскиот суд ќе ја разгледа жалбата на адвокатите на Гершкович против одлуката тој да остане во истражниот затвор Лефортово најмалку до 29 мај.

Американскиот претседател Џозеф Бајден вчера телефонски разговараше со семејството на новинарот и рече дека Вашингтон прави „се што е во негова моќ“ за да обезбеди негово ослободување.