САД воведе санкции за израелските доселеници обвинети за насилство врз Палестинците на Западниот Брег

 САД денеска соопштија дека вовеле санкции за еврејските доселеници обвинети за напади врз Палестинците, во обид да го спречат насилството на окупираниот Западен Брег.

„Денеска, Стејт департментот воведува нова политика за ограничување на визниот режим против лица осомничени дека придонеле за поткопување на мирот, безбедноста или стабилноста на Западниот Брег, особено преку вршење насилство врз Палестинците“, се наведува во писмената изјава на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој тоа насилство го нарече „неприфатливо“.

Тој не кажа колку луѓе се погодени од овие визни ограничувања, кои се воведуваат и за членовите на нивните семејства.

Насилството се зголемува на Западниот Брег од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври.

За време на посетата на Израел минатиот четврток, Блинкен го предупреди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека има намера да воведе такви визни ограничувања против израелските доселеници, соопшти американски официјален претставник.

Блинкен го повика Израел да им суди на екстремистичките доселеници обвинети за насилство врз Палестинците на Западниот Брег.

САД и претходно изразуваа осуда за насилството на еврејските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег и ги повикаа израелските власти да запрат со непријателствата.

„Продолжуваме да разговараме со израелските лидери за да сфатат дека треба да преземат дополнителни мерки за заштита на палестинските цивили од екстремистички напади“, додаде Блинкен во изјавата.

Тој, исто така, рече дека палестинските власти треба да направат повеќе за да ги спречат палестинските напади врз Израелците.

„И Израел и Палестинската управа, пред сè имаат одговорност да ја одржат стабилноста на Западниот Брег“, рече тој.

За еден месец, најмалку 244 Палестинци се убиени на Западниот Брег, од страна на армијата или израелските доселеници, според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.