– Американските сили задржале пет вооружени лица, најверојатно Сомалијци, кои недалеку од брегот на Јемен се обиделе да го киднапираат танкерот Central Park, соопшти денеска Пентагон.
Петмината го напуштиле танкерот, во сопственост на израелската компанија Zodiac Group, откако разурнувачот Mason и пловила на сојузниците побарале од нив ослободување на бродот.
-Петмина вооружени лица … се обидоа да избегаат на своите мали чамци. Mason ги следеше и како резултат тие се предадoa, изјави Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Вооружените киднапери вчера се искачиле на палубата на пловилото и се обидувале да влезат во внатрешните простории на танкерот но неговиот екипаж успеал да се скрие на безбедно место.
-Првичните податоци укажуваат дека петмината се Сомалијци, додаде Рајдер опишувајќи го инцидентот како „очигледно поврзан со пиратерија“.
По обидот да се заземе бродот, од регионот контролиран од јеменските хути поддржани од Иран биле истрелани две балистички ракети. Според Рајдер ракетите завршиле приближно десет морски милји од Mason и Central Park без да направат штети на бродовите.