“САД ПРЕТПОЧИТААТ ЕДНОСТРАНО РЕШЕНИЕ“ – Русија бара итен состанок на Советот за безбедност на ОН поради американските и британските напади врз јеменските Хути

Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ОН) ќе се состане на барање на Русија во петок попладне на вонредна седница откако Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија извршија воздушни напади врз јеменските Хути, соопшти Франција, земја која претседава со СБ на ОН од јануари оваа година.

Франција му соопшти на СБ на ОН дека итната седница, свикана на барање на Русија, ќе се одржи по закажаната средба за ситуацијата во Појасот Газа.

Синоќа СБ на ОН усвои резолуција со која ги осудува и бара „итно“ запирање на нападите на јеменските Хути врз бродовите во Црвеното Море, притоа признавајќи го правото на земјите-членки да ги бранат бродовите од овие напади.

Резолуцијата силно ги осудува дваесетте напади извршени од Хутите врз трговските и коменрцијалните бродови кои започнаа од средината на ноември и бара проиранската група веднаш да ги прекине сите напади што ја нарушуваат глобалната трговија и ги поткопуваат правата и слободите на навигација.

Нацрт-резолуцијата беше предложена од САД и Јапонија, а беше изгласана со 11 гласа „за“ и четири „воздржани“, вклучително и Русија.

Не можеме а да не бидеме загрижени за моменталната ситуација во Црвеното Море, но загрижени сме што САД и нивните сојузници, како што често се случува, претпочитаат еднострано решение со употреба на сила“, истакна рускиот амбасадор во ОНВасилиј Небензија.

Американски и британски авиони, бродови и подморници нападнаа цели низ Јемен во петокот вечерта како одмазда за нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море. Според очевидци, целите биле воена база во близина на аеродромот во Саан, воена позиција во близина на аеродромот во Таиз, поморска база во Ходеида и позиции Хути во провинцијата Хаџа.

Портпаролот на НАТО претходно изјави дека Хутите се поддржани, снабдени и опремени од Иран и дека Техеран има посебна одговорност да ги задржи силите што дејствуваат во нивно име.

Нападите на Хутите ја загрозуваат меѓународната трговија на клучниот пат меѓу Европа и Азија, кој сочинува околу 15 отсто од светскиот поморски сообраќај.