Уставните измени можеби изгледаат мали, но политички се многу тешки, па затоа е важно Северна Македонија да слушне дека Соединетите Американски Држави стојат зад овој процес. Ова го изјави Дерек Шолет, советник на Стејт департментот на САД на 18 мај на сослушувањето за Западен Балкан во Комитетот за надворешни работи на Сенатот.
„Она што треба да го слушнат од сите нас е нашата поддршка да ги направат овие промени, кои би изгледале мали, но политички се доста тешки, а тоа ќе помогне да се отклучи следната фаза од процесот за пристапување во Европската унија. “, рече Шоле на прашањето кои ќе бидат придобивките за Северна Македонија со влезот во Европската Унија.
Во меѓувреме, Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, рече дека уставните измени за вклучување на Бугарите во преамбулата, иако претставуваат тежок чекор, се неопходни.
Тој нагласи дека од опозицијата не се бара да го поддржи премиерот на Северна Македонија, туку евроатлантскиот пат на земјата.
„Ова е најдобриот договор што го добивме. Разумно е, мислам засега, и треба да продолжиме што е можно поскоро. Затоа, се надевам дека сите страни од политичкиот спектар ќе ги поддржат неопходните промени за да можеме да продолжиме во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија“, рече Ескобар.
Тој не ја криеше загриженоста во случај на неодобрување на уставните измени, нагласувајќи дека тоа ќе биде порака до ЕУ дека Скопје има дилеми околу својата иднина како дел од ЕУ.
Опозицијата вели дека нема да поддржи уставни измени под диктат на Бугарија
И покрај повиците на високи функционери на САД и ЕУ, македонската опозициска партија ВМРО ДПМНЕ останува цврста дека нема да гласа за уставните измени, како што рекоа, под диктат на Бугарија.
„ВМРО-ДПМНЕ не планира да мрдне ниту еден милиметар во однос на прашањето за уставните измени. Барањата се аспектите да го заштитиме нашиот идентитет, а не во овие услови и овој бугарски диктат“, рече потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Сепак, македонскиот премиер Димитар Ковачевски се надева дека опозицијата ќе влезе во проевропскиот блок.
Говорејќи на Централниот комитет на неговата партија на 18 мај, Ковачевски рече дека дури и ако ВМРО не се приклучи на проевропскиот блок како целина, тој верува дека има поединци од неговото раководство и пратеници кои сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ.
Во Северна Македонија е формирана група експерти за уставни измени за изработка на амандмани поврзани со преамбулата за вклучување на бугарското малцинство во неа како државотворен народ.
Вклучувањето на Бугарите во преамбулата е дел од договорот постигнат со Бугарија во јуни 2022 година, за решавање на спорови поврзани со јазикот, идентитетот и историското минато меѓу двете земји.
Но, во оваа работна група ВМРО ДПМНЕ продолжува да одбива учество.
Министерот за правда Кренар Љога во интервју за Радио Слободна Европа потенцира дека неучеството на претставници на ВМРО ДПМНЕ во работната група за уставни измени не му штети на процесот.
Познавачите на политичките прашања велат дека ставот против уставните измени ќе и донесе негативни поени на оваа партија против меѓународниот фактор, до целосна изолација.
„ВМРО ДПМНЕ може да ги раскине односите со меѓународниот фактор поради немањето храброст да направи потег кој е корисен за општеството и за државата, без разлика какво влијание ќе има оваа одлука врз електоратот на оваа партија. Значи, последиците ќе бидат лоши не само во однос на меѓународниот фактор, туку и во однос на соработката со албанските политички субјекти овде, бидејќи ставот на Албанците по ова прашање е став на нашите евроатлански партнери, особено оние на САД“, вели Алберт Муслиу од Институтот за развој на демократијата за РЕЛ.